Ќе има ли насилно отстранување на паркираните автобуси низ Скопје?

Владата има инструмент за отстранување на блокадите на Скопје од страна приватните превозници. Засега ситуацијата се следи и анализира, и се уште не се исрпени сите можности за решение, изјави министерот за локална самоуправа Ристо Пенов во вечерашното гостување во дневникот на ТВ Сител.

Протестот, според него, зема се поголем замав и по она како се одвива, не е насочен кон градоначалничката на Скопје и ЈСП или кон целта што ја посочуваат, а тоа е долгот кон нив, туку добива облик на политички протест.

– ЈСП не е загрозен со овој протест, а градоначалничката не е блокирана, туку се блокирани граѓаните. Се прави многу поголема штета отколку што е долгот кон приватните превозници. Во Скопје власт е ВМРО-ДПМНЕ и тие раководат со советот, кој може да се состане и да и наложи решение на градоначалничката. Наместо тоа се оди на полтички памфлети и препукувања на штета на граѓаните, рече Пенов.

Владата, како што поосчи, има инструмент да се реши проблемот и тоа е насилно да се тргнат автобусите од улиците, но додава, се уште не се исрпени сите можности за решение.

– Се анализира состојбата. Да се исцрпат сите можности за разрешување на проблемот па Владата да презема мерки, затоа што веќе не е само облигациониот однос и долгот од 1 милион кон приватните превозници. Веќе имаме раскинување на нивниот договор. Тие и да го добијат долгот се исклучени од натамошна работа и не верувам дека со исплата на долгот ќе престане протестот, рече Пенов.

Јавниот превоз во главниот град, според него, не смеел да престане.