Ќе има голомразица - Надлежните апелираат внимателно на патиштата

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека УХМР прогнозира за викендов студен бран со врнежи од снег. Нивните препораки до сите оние кои треба да патуваат е да се планираат патувањата, да се следат информации од медиумите и да се следи состојбата на патиштата.

„Истовремено, се потсетува дека, согласно временските метеоролошки прилики, со соодветни подготовки согласно дестинацијата се планираат патувањата, а пожелно е да се следат информациите од медиумите за временската состојба и состојбата на патиштата, согласно информациите од надлежните институции и служби. Конкретно, УХМР прогнозира дека во сабота ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места од снег. Во недела времето ќе биде облачно и студено со врнежи кои поради спуштање на постудена воздушна маса со засилен северен ветер во поголем дел од земјава ќе бидат од снег и наместа ќе бидат пообилни“, информираат од ЦУК.

Како што посочуваат од ЦУК според прогнозата на повеќе места се очекува да се формира снежна покривка, а на планините позначително да се зголеми. Поради ниските температури ќе има појава на голомразица. Повремен снег ќе има и во понеделник, а потоа ќе преовладува стабилно и студено време со утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни, а и дневните наместа ќе останат под нула.

Во Скопје во сабота ќе има повремени врнежи до дожд, а на околните планини од снег. Во недела ќе биде облачно и студено со умерен до засилен северен ветер и со повремени врнежи од снег. Се очекува да се формира помала снежна покривка.