Ќе ги убеди ли Влада газдите недела да биде неработен ден и работниците да се плаќаат по час

Работењето прекувремени саати, работа на празници и во недела, се забелешките кои работниците ги изнесувале како проблеми со кои се соочуваат на средбите со претставници од Министерството за труд и социјална политика.

Над триесет проценти од вработените во Македонија се соочуваат со неисплатена прекувремена работа, работа за викенди или за празници. Најголем дел работници во секторите градежништво, текстилна индустрија и угостителство се соочуваат со неплатена прекувремена работа, но состојбата не е многу подобра ниту во другите сектори.

Десетчасовна работа на градежни скелиња, покрај машини за шиење, или зад компјутери во канцеларија, без ниту денар плус за прекувремените работни часови. Во ваква ситуација се голем дел од македонските работници, притиснати од работодавачите да остануваат на работа прекувремено и без каков било надомест.

Недела неработен ден и плаќање по час се новите предизвици на коишто треба да работиме идниот период. За ова ќе мора да дебатираме со бизнис секторот и со синдикатите, ова го најави потпретседателката на СДСМ Мила Царовска на трибината Агенда Социјална заштита 20-24.

Во Законот за работни односи и во Општиот колективен договор за приватниот сектор е предвидено дека основната плата на работникот се зголемува по час најмалку за :

-прекувремена работа – 35 %

-работа ноќе – 35 %

-работа во три смени – 5 %

-работа во ден на неделен одмор – 50 %

За работа за време на празници и неработни денови утврдени со закон, работникот има право на надомест за платата што му припаѓа кога во тие денови не работи и исплата на плата за часовите поминати на работа зголемена за 50 %.

Глоба во износ од 3 000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на работодавач правно лице доколку:

На работникот му нареди да работи со подолго работно време од работното време определено со Закон, доколку не води или неправилно води евиденција на работното време и на прекувремената работа и доколку не го извести Инспекторатот за воведување на прекувремена работа, доколку не исплати плати и придонеси од плата, доколку на работници не им обезбеди одмори и друго.

На одговорното лице му се изрекува глоба во висина од 30 % од глобата предвидена за правното лице.

Висината на глобата се одмерува во согласност со одредбите од Законот за прекршоци.