„Ќе ги изгориме! Ќе останат и без мотори“ – Тошковски најави засилени контроли за несовесните моторџии

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави засилени полициски контроли во градските средини, со посебен фокус на возачите на мотори кои не ги почитуваат сообраќајните правила и претставуваат ризик за безбедноста во сообраќајот.

Тошковски направи разлика меѓу, како што рече, „вистинските моторџии“ и оние кои „глумат моторџии“, посочувајќи дека најголем проблем се несовесните возачи кои управуваат мотори без кацига, со голема брзина и опасно однесување на улиците.

„Тие кои се вистински моторџии, тие во град не ги прекршуваат сообраќајните правила. Тие се посветени на почитување на сообраќајните правила, особено во град, бидејќи ги знаат последиците кога не ги почитуваат, тие се на две тркала“, изјави Тошковски.

Според него, мерките нема да бидат насочени кон возачите кои совесно учествуваат во сообраќајот, туку кон оние што, како што рече, „мислат дека се недопирливи“.

„Ова не се однесува на тие кои возат со кацига, со соодветна брзина… А најавувам за тие кои глумат дека се моторџии, односно возат мотор без кацига, со далеку поголема брзина, возат на црвено светло, го креваат моторот на едно тркало и мислат дека ‘Сејф сити’ не ги детектира, МВР ќе биде фокусирано на нив, особено во градските средини“, рече министерот.

Тој испрати и остра порака до несовесните возачи.

„Слободно можам да кажам дека ќе ги изгориме! Ќе останат и без мотори и без можноста да глумат дека се моторџии“, изјави Тошковски.

Министерот оцени дека токму ваквите возачи претставуваат најголем ризик за безбедноста на улиците.

„Тие ќе бидат таргет, тие што употребуваат мотори надвор од закон. Затоа што тие се најголем ризик да отепаат некого“, додаде тој.

На крајот, Тошковски упати пофалби до моторџиите кои ги почитуваат правилата и безбедносните прописи.

„Не за вистинските моторџии, за нив секоја чест и поздрав“, порача министерот.