Ќе дојде ли денот кога занаетчијата ќе биде поплатен од многу други професии - ги нема ни за лек

Недостигот од стручни и квалификувани работници на пазарот на труд во земјава е сигнал кој прво го почувствуваа работодавачите, пред сѐ занаетчиите, ама и стопанството во земјава.

На пазарот има потреба за сите занаетчиски занимања, како заварувач, бравар, инсталатер на соларни панели, пекар, слаткар... Од градежниот сектор, има дефицит од ѕидари, кровни покривачи, произведувачи на столарија.

Од Занаетчиската комора - Скопје велат дека нивните членови постојано се жалат на недостиг од стручен кадар. Често им се случува, посочуваат, да примат работник, да го дообучат, ама откако ќе се стекне со искуство, им заминува или во друг бизнис или во странство.

Од средните стручни училишта излегува нестручен кадар. Голем дел од младите избираат гимназиското образование за потоа да продолжат на високо образование. Работодавачите пуштаат огласи преку Агенцијата за вработување, на социјалните мрежи, на своите интернет-страници. Меѓутоа, и покрај сите напори, се судираат со проблемот од недостиг на квалитетна работна сила. Ќе примат работник што не е целосно квалификуван за струката, го дообучуваат, со сопствени средства вложуваат во него, на крај кога ќе го примат, а тој ќе се стекне со искуство, си заминува од работното место или во странство или во друг бизнис.