Ќе добијат ли пристапни рампи до јавните институции во Скопје лицата со попречеости?

Денеска, 3.декември, се одбелжува како Меѓународен ден на лицата со попречености. 

Овој ден е посебно акцентиран на потребите и проблемите кои ги имаат и со кои се соочуваат лицата со посебни потреби, а тие најмногу бараат еднаквост, самостојно живеење и функционирање во општеството.

Терминот посебни потреби може да означува многу разни состојби: од мали потешкотии во учењето, изразени интелектуални потешкотии, психијатриски нарушувања, хронични болести, телесни попречености итн.

Но, како што велат многу здруженија, невладини организации, сојузи за лицата со хендикеп – не е доволно само еден ден да им се посвети внимание на овие лица и на нивните права за еднаквост со другите. Тоа треба да биде секој ден, да претставува дел од човечкото општество. 

Во текот на вчерашниот ден градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, издаде писмен налог до сите јавни институции под надлежност на Градот да направат проценка и да постават пристапни рампи за лица со попречености.

Рокот за имплементација на оваа активност е 60 дена, а поставувањето на пристапните рампи е дел од Програмата на Град Скопје за овозможување поголема пристапност за лицата со попреченост до институциите во градот.

Градот Скопје започнува сеопфатна програма за остварување на еден од главните приоритети за остварување на правата од социјална заштита на лицата со попреченост, односно подобрување на квалитетот на секојдневното живеење и создавање услови за независен живот, порачаа од Град Скопје.