Ќе добиеме ли бесплатен превоз во железничкиот сообраќај за викенд?

Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи својата редовна 45-та седница, со повеќе точки на дневниот ред, информираат од владината прес-служба.

На денешната седница ќе биде разгледано барањето за субвенционирање на проектите бесплатни викенди за превоз во железничкиот сообраќај, што го предлага Македонски железници Транспорт АД – Скопје.

На предлог на Министерство за правда на дневниот ред на денешната седница ќе се најдат предлог-закони за изменување и дополнување на повеќе законски решенија како што се Законот за судовите, Законот за извршување на санкциите, Законот за јавнообвинителска служба, Законот за кривичната постапка, Законот за јавното обвинителство, како и Законот за Народниот правобранител.

Министрите во Владата на РМ на денешната седница ќе го разгледаат и ќе расправаа по предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи, и по предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за полиција.

Министерството за внатрешни работи за денешната седница, за расправа на дневниот ред ги предлага и предлог – законот за следење на комуникациите, како и предлог – законот за Oперативно-техничка агенција.

На оваа 45-та седница на владата ќе биде разгледан и предлог – закон за изменување и дополнувања на Законот за електронските комуникации и предлог – законот за дополнување на Законот за класифицирани информации.

Како предлог на Министерство за труд и социјална политика, на денешната седница ќе се најде и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата.

Од ова министерство на денешната седница се предлагаат да бидат разгледани и предлог-законот за изменување на Законот за инспекцијата на труд, предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

На денешната седница, владата ќе ја разгледа и предлог-одлукате за усвојување на Годишната програма за работа на ЈРП Македонска радио телевизија за 2018 година и Предлог-одлука за одобрување на Финансиски план за 2018 година на Македонската радио телевизија.

На предлог на Агенцијата за храна и ветеринарство, на оваа седница на владата ќе биде презентирана и Информација за потребите за микрочипирање (идентификација) на домашните миленици и нивно регистрирање во информациониот систем на Агенција за храна и ветеринарство на Република Македонија.

Денешната, 45-та седница на Владата на РМ, ќе започне во 14 часот во Салата за седници.