Ќе добие ли Шилегов канцеларија на плоштад „Македонија“?

Нова фасада и можеби нови станари во зградата на ЕВН. Од АД ЕСМ одговорија дека пред десетина дена добиле официјална понуда од ЕВН за продажба на нивниот дел од зградата.

– Управниот одбор ја разгледува понудата и до крајот на месецов ќе ја извести Владата како сопственик на АД ЕСМ. Доколку се откупи зградата, тогаш следен чекор е завршување на фасадата. Според нацртите кои веќе се подготвени, стилот нема да биде барок туку ќе биде во духот на претходната препознатлива стаклена фасада на ЕСМ, информираа од ЕСМ

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов ниту ја негираше, ниту ја потврди информацијата дека градската администрација ќе се всели во зградата на ЕВН која се наоѓа на Градскиот плоштад. Дали со ова ќе се оствари желбата Шилегов, да има канцеларија на плоштад останува да се види, бидејќи и тој самиот рече дека за тоа сè уште не е одлучено.

– Градот нема донесено одлука за преселба на администрацијата, кога ќе се донесе ќе се знае – истакна Шилегов.

Тој најави дека многу брзо ќе биде решен проблемот со фасадата на зградата на ЕВН која се наоѓа во центарот на Плоштад „Македонија“.

– Очекувам брзо да биде распишан јавен оглас, ЕВН и ЕЛЕМ ги имаат надминато правните проблеми. Кога ќе се прекине договорот за барокната фасада која беше дел од проектот „Скопје 2014“ ќе може да се започне постапката – изјави Шилегов.

ЕВН сакаше да го продава својот дел од зградата и не беше заинтересирана да ја прави фасадата, додека ЕСМ топката ја префрлаше на ЕВН дека со продажбата ги кочи работите со фасадата.

Од ЕВН за весникот „Вечер“ изјавија дека оваа зграда ќе биде предмет на продажба и дека во тоа не се сами, бидејќи дел од зградата ја има и ЕСМ па не би можеле да кажат што понатаму ќе се случи со фасадата. 

Од АД ЕСМ одговорија дека пред десетина дена добиле официјална понуда од ЕВН за продажба на нивниот дел од зградата.

– Управниот одбор ја разгледува понудата и до крајот на месецов ќе ја извести Владата како сопственик на АД ЕСМ. Доколку се откупи зградата, тогаш следен чекор е завршување на фасадата. Според нацртите кои веќе се подготвени, стилот нема да биде барок, туку ќе биде во духот на претходната препознатлива стаклена фасада на ЕСМ – информираа од ЕСМ.

Според ЕСМ, правните проблеми се однесуваа на тристраниот договор за фасадата меѓу ЕЛЕМ, ЕВН и Бетон, кога реновирањето пред неколку години беше запрено по барање на ЕВН.

Исто така, Шилегов информираше дека паралелно ќе се работи и на фасадата на зградата на „Пелагонија“, исто така во центарот, бидејќи, како што нагласи и двете згради се симбол на централното градско подрачје.

– За жал, со сопственикот на „Пелагонија“ не успеваме да изнајдеме заедничко прифатливо решение за изгледот на објектот. Некаде сме при крај со разговорите за новото идејното решение, по што ќе можеме да влеземе на имплементацијата на овој проект – информираше Шилегов. 

Воедно, тој уште на крајот на август годинава, на седница најави дека фасадите на зградите на ЕВН и на Пелагонија во строгиот центар на Градот ќе добијат фасади какви што биле, односно тие ќе бидат автентични. Тогаш тој истакна дека само овие две фасади се единствените што Градот успеал да ги спаси од барокот кој го применуваше претходната градска власт.

Имено, Шилегов тогаш најави дека се прави еминентна студија – идејно решение за преуредување на строгиот центар во пешачка зона, во која се предвидени и овие два згради, за што беше распишан меѓународен конкурс.

(А.П.) за Вечер