Ќе бидеме ли некогаш како Шведска: Таму пратениците земаат двојно помала плата од наставниците

Ниските плати на просветните работници една од главните причини за лошото образование во земјава. На оваа тема своја анализа даде и познатиот и наградуван наставник Гоце Бумбароски. Тој ја спореди Македонија со Шведска и направи паралела меѓу платите и бенифициите на наставниците и пратениците тука и таму.

Неговата анализа ви ја пренесуваме во целост: 

- Македонија и Шведска се две многу различни земји во повеќе сегменти на живеењето...

Шведска e земјата во која пратениците немаат ни кафе без пари, а за секретарки може само да сонуваат

Секојдневниот начин на живот на шведските пратеници е многу строг: Канцелариски простор од 7 квадратни метри, мали апартмани за функционерите од другите градови и ограничувања на користењето на парите на даночните обврзници во парламентарните активности.

Шведските пратеници не уживаат никакви дополнителни бенефиции, како што се на пример патувања во други земји со чартер-летови, пари за скапи хотели, ангажирање приватни консултанти итн.

Но не е сѐ така црно, како што изгледа за шведските пратеници. Сите 349 пратеници, како и претседател на парламентот, добиваат бесплатна годишна карта за користење на јавниот градски превоз.

Службените автомобили се малку, а нивната употреба е ограничена. Парламентот има само три автомобили, од моделот Volvo S80. Овој превоз е достапен само за претседателот на Собранието и неговите тројца потпретседатели и тоа само за официјални настани.

Во Шведска, единствениот политичар кој има право на автомобил е премиерот. Автомобилот ѝ припаѓа на Службата за државна безбедност на Шведска. Според владиниот советник, министрите можат да бараат возила но „само кога имаат добри причини за тоа“.

Бруто платата на член на шведскиот парламент изнесува околу 70.000 круни месечно (околу 7.000 долари). По плаќањето на високите даноци, нето-платата изнесува околу 40.000 шведски круни (околу 4.000 долари), што е двојно помалку од она што заработува наставник во основно училиште во Шведска.