
Во Скопје продолжува реализацијата на проектите за уредување на зелени коридори долж булеварите и главните улици, со цел зголемување на зелените површини и подобрување на условите за живот на граѓаните, информира градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Во моментов се уредува зелен коридор долж улицата „Ѓорче Петров“, каде се поставува систем за наводнување, а паралелно се реконструира и пешачката патека во должина од околу четири километри, која секојдневно ја користат илјадници жители.
Од Град Скопје посочуваат дека зелените коридори придонесуваат за намалување на загадувањето, ублажување на високите температури, создавање природна сенка и поквалитетен јавен простор за пешаците.
Оттаму најавуваат дека вакви проекти ќе продолжат да се реализираат и во други делови од градот, со цел секоја населба да добие повеќе зеленило и поуредена животна средина.
Скопјани, пак, коментираат дека освен да се засади, зеленилото треба и редовно да се полева, а за тоа, велат дека може да се вклучат и самоте граѓани, сопственици на дуќани, во близина на јавното зеленило.