Ќе бидат отворени и граничните премини со Македонија: Денеска ќе биде презентиран планот за отворање на туризмот во Грција

Планот на грчката Влада за безбедно отворање на туризмот, како и кампањата на грчката национална туристичка организација, вечерва ќе бидат презентирани на прес конференција, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за туризам на Грција Харис Теохарис се очекува да го презентира целосниот план за почетокот на сезоната закажан за утре.

Во однос на тоа дали со отворањето на туризмот ќе се отворат и копнените граници на Грција за државјаните од соседните земји, како што се Македонија и Албанија, дописничката на МИА од Атина во понеделникот, на брифингот со новинарите побара одговор од портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони, која објасни дека „постои конкретен план за безбедното отворање на туризмот и од копнените гранични премини, но сите детали, здравствените протоколи и на кој начин ќе биде отворен туризмот, ќе бидат соопштени кон крајот на неделава од министерот за туризам Харис Теохарис“.

Пред два месеца, во рамки на Меѓународниот саем во Берлин, Теохарис соопшти дека Грција ќе го отвори туризмот на 14 мај, под слоганот „All you want is Greece“, под здравствени протоколи, со сертификат за вакцинација или негативен тест или потврда за прележан Ковид-19 за посетителите.