Кисела Вода започна со отстранување на хаварисаните возила, ќе се носат во отпад

Кисела Вода во соработка со GREEN ROAD ДОЕЛ и во консултација со Министерството за внатрешни работи, започнува обемна активност за системско решавање и отстранување на хаварисаните/отпадни возила од јавните површини на територијата на општината. Ова вест ја објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Тој вели дека инспекциските служби на општината, во текот на следните неколку дена ќе започнат активност за мапирање на отпадните возила и ќе започнат постапка со која ќе се утврдува сопственоста, како и тоа дали истите се регистирани и имаат платено обврски кон државата.

„Согласно Законот за управување со дополнителните текови на отпад и член 63 од Законот за безбедност во сообраќајот, возилата кои ќе бидат евидентирани како отпадни и без регистарски таблички ќе бидат отстранети, доколку тоа не го стори сопственикот согласно дадениот рок од неколку денови. ОВА ОСОБЕНО ВАЖИ ЗА ОНИЕ ВО РАСАДНИК, КОИ ПАРКИНЗИТЕ ГИ КОРИСТАТ ЗА ПРЕПРОДАВАЊЕ НА ВОЗИЛА, КАКО АВТО ПЛАЦЕВИ, БИДЕЈЌИ ЌЕ ЗАВРШАТ ВО ОТПАДНО ДЕПО!“, напиша Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека инспекторите ќе пристапат и кон возилата кои се без таблици и во комуникација со МВР и ќе се започне со постапка согласно законската легислатива.

„По завршувањето на постапката, возилата ќе бидат отстранети и однесени во отпадно депо, каде што граѓаните ќе имаат право да го повратат. Во спротивно, ќе бидат третирани како отпаден метал. Предвидени се и глоби за несовесните сопственици на хаварисани возила. Апелираме до жителите сами да си ги отстранат возилата согласно дадените рокови за да не подлежат на трошоци, затоа што наша цел не е казнување туку воведување ред во оваа сфера. Крајно време е да ги ослободиме паркинзите во Кисела Вода“, потенцираше Ѓорѓиевски.