Кисела Вода започна кампања во училиштата за спречување последици од употреба на пиротехнички средства

Општина Кисела Вода во соработка со Министерството за внатрешни работи, СВР Скопје – Одделение за превенција и ПСОН од Кисела Вода, започна со реализација на кампања во основните општински училишта, со цел да се делува во насока на спречување на несакани последици по безбедноста на учениците во периодот на претстојните новогодишни и божиќни празници.

– Реализацијата на кампањата започна од ООУ „Круме Кепески“ каде пред учениците од седмо, осмо и деветто одделение полициски службеници одржаа едукативен час за превенција и за спречување последици од употреба на пиротехнички средства. Волонтери од „Црвен крст“ на учениците им покажаа како да укажат прва помош при повреда настаната од петарди – соопштија од општина Кисела Вода

Претставници од МВР ќе остварат средби и со советите на родители при основните училишта пред кои ќе ја презентираат кампањата. Во периодот што следува вакви едукативни предавања ќе се одржат и во останатите основни училишта.