Кисела Вода со нови канти и контејнери ќе ја подобрува хигиената и животната средина во општината

Општина Кисела Вода со нови канти и контејнери ќе ја подобрува хигиената и животната средина во општината. За таа цел обезбедени се нови 1212 канти за отпадоци и 59 контејнери.

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски вела дека ова е донација од Министерството за животна средина е дел од заедничките напори за унапредување на условите за живот на жителите на овој дел од градот. Тој посочи дека сите домаќинства кои поседуваат стара оштетена канта ќе добијат нова, училиштата и градинките ќе добијат нови контејнери, а старите дотраени канти ќе бидат предадени на фирма специјализирана за рециклирање на отпад.

„Подобрувањето на хигиената е од суштинско значење за животната средина и за здравјето на граѓаните. Со замената на старите и оштетени канти, воспоставуваме поефикасен и поеколошки начин за справување со отпадот. Сите домаќинства кои имаат оштетени канти ќе можат да ги заменат со нови, преку пријавување во канцелариите на месните заедници низ општината. Старите канти, откако ќе бидат собрани, ќе бидат предадени на специјализирана фирма за рециклирање, со што дополнително ќе придонесеме за заштита на животната средина. Сакам да изразам голема благодарност до Министерството за животна средина за оваа значајна донација, но и да апелирам до сите граѓани да го одлагаат отпадот соодветно и да ги користат новите канти и контејнери наменски. Со тоа, не само што ќе придонесеме за чиста животна средина, туку и ќе го подобриме квалитетот на живот за сите нас“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.