Кисела Вода отвора канцеларија за социјална поддршка на идните млади брачни парови

Кисела Вода отвара канцеларија за социјална помош на идните млади брачни парови. За оваа цел е потпишан меморандум со претседателката на Здружението на социјални работници, проф.д-р Светлана Трбојевиќ кажа градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

„Стручни професионалци ќе бидат вклучени во давањето на социјална поддршка на младите парови при подготовка за брак, стручна помош во информирање и упатување за остварување на нивните права од системот на социјална заштита, зголемување на нивната свесност за можните социјалните проблеми кои можат да се јават во текот на нивното заедничкото живеење како и позитивното родителство. На Здружението на социјални работници на град Скопје им обезбедивме простор во населба Кисела Вода, додека тие го обезбедуваат стручниот кадар-тим од стручни работници кои ќе даваат стручна помош и поддршка“, напиша Ѓорѓиевски.

Канцеларијата ќе работи во среда од 16:00 до 20:00 часот и сабота, од 10:00 до 16:00 часот. Стручната помош и поддршка од страна на тимот се бесплатни.  Потребно е претходно да се закаже термин на телeфонскиот број 02/3212 690.