Кисела Вода домаќин на меѓународниот карате-турнир „Фунакоши Опен“ - ќе се натпреваруваат повеќе од 600 учесници

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска денеска сподели дека го прогласила за отворен меѓународниот карате-турнир „Фунакоши Опен“, кој се одржува во општина Кисела Вода, во организација на Карате федерацијата на Македонија и карате-клубот „Фунакоши Гичин“.

За значењето и квалитетот на овој турнир зборува и големиот интерес – повеќе од 600 учесници и гости од шест земји денес се во Кисела Вода за да се натпреваруваат во оваа традиционална јапонска боречка дисциплина.

„Ова не е само спорт, туку и начин за развивање дисциплина, самоконтрола и правилен психофизички развој кај младите. Силата не доаѓа од физичкиот капацитет. Таа доаѓа од нескршливата волја. Посакувам никогаш да не дозволите да бидете скршени. Предизвици имаме секојдневно, заедно да ги надминуваме“, истакна градоначалничката.

Таа воедно додаде дека ја радува што настанот привлекува големо внимание и претставува одлична можност за промоција на македонскиот карате-спорт, како и за афирмација на нивната општина како добар домаќин на вакви меѓународни настани.

„Како градоначалник, секогаш ќе продолжам да ги поддржувам спортските активности во Кисела Вода, бидејќи спортот е темел на здрави навики, позитивни вредности и гордост за нашата заедница. На сите натпреварувачи им посакувам успешни настапи и коректна борба. Нека победат најдобрите“, порача Стаменкоска Трајкоска.