Кировски со жесток став за изјавата на министерката за култура: Ќе немаше 90% од македонските филмови!

Поранешниот директор на Тв Телма, Атанас Кировски, е еден од многумината кои го искажаа својот револт од изјавата на актуелната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која им порача на македонските писатели да творат во духот кон тоа што ќе го расположи народот, одговарајќи на прашањето на Гласот на Америка дали уметничката креација и слободната мисла ќе бидат подложни на политичка контрола по потпишувањето на протоколот со Бугарија.

– Слободно нека творат. Но, да се твори во духот кон тоа што ќе ги расположи народот и публиката. Не нешто што повторно ќе го врати народот назад, кон едни мрачни времиња кадешто навистина не видовме ништо добро, посочува министерката за култура.

Ова е ставот на Кировски кој го сподели на својот фејсбук профил: 

-Ваква смешка од министер за култура како што е нашава госпожа на која името и забравам- само кај нас може да вирее. Им дава насоки на авторите како да творат?!? „Слободно нека творат. Но да се твори во духот кон тоа што ќе ги расположи народот и публиката. Не нешто што народот ќе го врати назад, кон едни мрачни времиња каде што навистина не видовме ништо добро. “ Најдобро е да се пишуваат само комедии. И да се снимаат само комедии. Тие најмногу ја орасположуваат публиката. Дистопии никако. Не дај боже нешто што има врска со историска епоха. Па треба да се гледа кон светлата иднина, а не кон „мрачното минато“. Според овие инструкции македонската кинематографија ќе го немаше „Црно семе“. Да не речам 90% од филмовите. И ова си дозволува да го каже министерка за култура! Нема поента натаму да се коментира. Освен што е глупо, и арогантно - а истовремено и субмисивно и самопонижувачки, бидејќи јасен е контекстот, и неуставно е, бидејќи цензурата е забранета!