„Киро Глигоров“ е името на ново училиште во Капиштец

Од 1 септември во скопската населба Капиштец ќе почне со работa новото основно училиште, за кое Владата вчера даде позитивно мислење на предлогот на скопската општина Центар да го носи името на првиот претседател на Македонија Киро Глигоров. 

Општина Центар за ова спроведе анкета и предлогот за Киро Глигоров имаше најмногу гласови.

Училиштето во Капиштец ќе почне со работа на  први септември. На почетокот ќе биде од прво до петто одделение, а со годините ќе прерасне во деветолетка. Има капацитет за 500 ученици. Ова е прво школо кое е целосно адаптирано за лица со попреченост.

Училиштето во Капиштец почна да се гради во октомври 2016, кога градоначалник беше Андреј Жерновски. Зафаќа површина од 10.600 квадратни метри и се наоѓа на улиците „Васил Ѓоргов“ и „Адам Мицкијевиќ“. Изградбата на училиштето чини околу 5 милиони евра.