Кипарскиот амбасадор по писмен пат му ги предаде акредитивите на Пендаровски

Новоименуваниот амбасадор на Република Кипар,  Константинос Елиадес денеска по писмен пат, наместо на протоколарна церемонија, поради состојбата со Ковид-19 му ги предаде акредитивните писма на претседателот Стево Пендаровски.

Пендаровски денеска имаше разговор преку видео-врска со Елиадес, новоименуван амбасадор на Република Кипар за Република Северна Македонија, со седиште во Белград.

Честитајќи му за назначувањето на функцијата, претседателот Пендаровски му посака успех во работата на амбасадорот Елиадес, кој е прв кипарски амбасадор акредитиран во Република Северна Македонија, по воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави во август 2019 година.

За време на разговорот, претседателот Пендаровски нагласи дека Република Северна Македонија е подготвена за развој на пријателски односи со Република Кипар, на политички, економски, трговски план, како и во други сфери од заемен интерес. Претседателот Пендаровски изрази очекување дека воспоставувањето на дипломатско претставување меѓу двете држави на ниво на амбасадори ќе биде силен поттик во таа насока.

Во контекст на стратешките аспирации на земјата, претседателот Пендаровски го истакна очекувањето за скорешно формално отпочнување на пристапните преговори на земјата за членство во Европската Унија, со одржување на првата меѓувладина конференција. Во таа насока, претседателот Пендаровски го истакна уверувањето за реафирмирање на поддршката од кипарска страна.

Во текот на разговорот беа разменети мислења во контекст на стратешките аспирации на Република Северна Македонија за членство во ЕУ, актуелната состојба со пандемијата на КОВИД-19 во двете држави, како и за справувањето со последиците на здравствен, еконономски и на социјален план.

Претседателот Пендаровски му посака успех на амбасадорот Елиадес во извршувањето на одговорната функција.