Киното во „Железничката зграда“се отвора за јавни настани со фокус на културата

Во рамките на проектот „Активни простори на заедницата за граѓански промени“, Општина Центар во соработка со Заедницата на станари-сопственици на таканаречената Железничка зграда на ул. „Борка Талевски“ бр.26 и „Здружението за култура и уметност и Факултетот за работи што не се учат“ од Битола/Скопјего става во функција јавниот простор, некогашното кинокое се наоѓа во зградата на гореспоменатата адреса.

Во таа насока денеска во Општина Центар трите страни потпишаа трипартитен договор со кој се регулирани обврските и активностите до и по конечно ставање во функција на просторот.

„Железничката зграда“ е редок градски пример кој во својата содржина има просторија која првенствено била наменета за жителите на зградата, а подоцна и за колективната јавност. Преку овој договоркој има за цел  негување на културата и враќање на нејзината улога во колективното живеење, Општина Центар, меѓу другото,се обврзува да започне соработка со релевантни субјекти во насока на обезбедување на донации за целосна реконструкција на уникатниот изглед на зградата, уредување на просторот и негово целосно оспособување за непречено функционирање, а исто така, ќе даде и поддршка и препораки за користење на овој јавен простор.

Киното претставува квалитетен архитектонски јавен простор со површина од околу 150 м2 и висина од околу 7 м. Архитектонските карактеристики на киното овозможуваат овој простор да служи за повеќенаменски културни активности кои би требало, пред сè, да служат во функција на локалната заедница.

За вистинските насоки на проектот „Активни простори на заедницата за граѓански промени“ кој го имплементира Факултет за работи што не се учат, а е поддржан од Проект на УСАИД за граѓанско учество, вечерва во 20 часот во дворот на зградата ќе се одржи дискусија со претставници на локална самоуправа, граѓански организации, индивидуални активисти и станари по што ќе следи музички перформанс со Мухамед Ибрахими.

За Железничка зграда:

Железничка колонија претставува повеќесемејна станбена зграда, изградена во 1946 година од архитектот Михаил Дворников. Што се однесува до архитектонската концепција на оваа зграда, таа  е обликувана во затворен периметарски блок со внатрешен двор и заеднички поврзани тераси. Покрај станбените единици, архитектонскиот концепт вклучува и јавни простори кои жителите имале можност да ги користат и делат заедно (детски јасли, пералници, внатрешен заеднички двор и заедничко кино).Киното претставува најспецифичен дел од зградата. Истото служело за проекција на филмови и средби на станарите и куќниот совет.  Киното функционирало до почетокот на 70-те години, а во него се проектирале филмови со различни социјални и историски содржини, но првенствено било наменето за самите жители на зградата. Од тој период, па сè до денес, киното се користело инцидентно за различни настани, но досега не било активирано во корист на некој поширок (јавен) интерес.