Кинотека ја одбележува 70-годишнината од првиот македонски игран филм „Фросина“

 

Кинотеката на Северна Македонија деновиве ја одбележува 70-годишнината од првиот македонски игран филм „Фросина“, снимен во 1952 година, во режија на Војислав Нановиќ, а во продукција на тогашниот државен филмски продуцент „Вардар филм“.

„Фросина“ (1952) на Војислав Нановиќ и „Мирно лето“ (1961) на Димитрие Османли минатата година беа дигитално реставрирани во лабораторијата „Клик филмс“ во Загреб, Хрватска, а филмот „Мирно лето“ е објавен и на блуреј диск, како прво блуреј издание на македонски филм.

-Дигитализацијата на македонските играни филмови е една од основните активности на нашата институција, која е единствена институција во земјава, чија работа е да се грижи за заштитата и чувањето на националното аудиовизуелно наследство, деновиве се подготвува за објавување и изданието на дигитално реставрираната верзија на „Фросина“ – исто така на блуреј диск, соопштија од Кинотека.

Исто така, како што е најавено, во рамките на одбележувањето на овој 70-годишен јубилеј од првиот македонски игран филм „Фросина“ на 28 јуни, вторник, во Кочани, во ЈОУ Библиотека „Искра“ ќе се одржи изложба на фотографии од филмот, проследено со пригодно предавање и дискусија за неговото значење во историјата на македонската кинематографија – во организација на Кинотеката и ЈОУ Библиотека „Искра“. 

Премиерата на првиот македонски филм била одржана на 28 јуни 1952 година во скопското кино „Култура“. Снимен е во црно-бела техника на 35 мм лента, со времетраење од  79 минути.

Жанрот на филмот е социјална драма за егзистенцијата, печалбарскиот живот, Втората светска војна и трагедијата на една мајка која го губи синот единец. Насловната улога ја толкува Мери Бошкова (Фросина), а во другите улоги играат Ацо Јовановски (Климе), Петар Велјановски, Наѓа Подерегин, Петре Прличко, Илија Џувалековски… Продуцент на филмот е „Вардар филм“, директор на фотографија е Киро Билбиловски, композитор на музиката е Трајко Прокопиев, сценографијата е на Милан Васиќ, а асистент на режија бил Трајче Попов.

Сценариото за филмот го напишал писателот Владо Малески, кој подоцна ќе посведочи дека претходно немал никакво искуство во пишување сценарија и дека тоа за него било директен влез во занаетот.

Филмот  ја раскажува трагичната судбина на Фросина, вдовица и мајка на многу деца кои умирале бргу по раѓањето, а само Климе преживеал. Нејзиниот сопруг гурбетџија, пред да загине, речиси постојано бил отсутен од нејзиниот живот, а таа сама ги раѓала, а набргу потоа и ги погребувала своите деца. Сега Климе, нејзината последна надеж, здраво и пргаво момче, живеачката ја заработува помагајќи им на постарите и поискусни рибари. Вљубен е во Љуба, девојка која сонува за живот на висока нога, нешто што сиромашниот Климе не може да ѝ овозможи. Кога Климе ќе го сретне ранетиот Кирил ќе реши да замине во партизани, да се бори за слобода. Година дена подоцна, кога во гратчето започнуваат улични борби помеѓу окупаторот и партизанскиот одред, синот ќе сака да ја искористи можноста да дојде во својот дом, да ја посети мајка си Фросина. Таа е свесна дека тоа е можеби нивната последна средба…

На иницијатива на Кинотеката на Северна Македонија, Македонската Радио Телевизија деновиве сними документарен филм за филмот „Фросина“, кој премиерно ќе биде прикажан на МРТ на 28 јуни. Автори на документарецот „70 години Фросина“ се Соња Самарџиева и Томи Алексов, а монтажата е на Влатко Ангелов. Филмот е во продукција на Македонската Радио Телевизија.