Кинолошките друштва не се сложуваат со задолжителна кастрација на домашните кучиња

Новото законско решение е донесено без да се согледаат последиците, бидејќи приватно право на секој сопственик е дали ќе го кастрира своето домашно милениче или не, реагираат кинолошките одгледувачи во Македонија за новиот Предлог закон за заштита и благосотојба на животните.

Најконтраверзно според нив е тврдењето дека со кастрацијата ќе се намали бројот на улични кучиња, кои се резултат на неодговорно сопствеништво.   

Со новиот закон ќе се уништат сите автохтони раси на кучиња, велат кинолозите. На Шарпланинецот како светски призната раса и овчарското куче Караман – како национална раса, со овој закон им прети истребување.  

Реакцијата доаѓа откако по предлог од група пратеници, во собраниска поцедура влезе новиот предлог закон со кој се предвидува задолжителна кастрација на домашните миленици-кучиња. Според новото законско решение сите сопственици на кучиња кога тие се во репродуктивен период се должни да ги кастрираат или ојаловат во ветеринарни амбуланти, освен сопствениците на кучиња кои имаат регистрирано одгледувачници.

За лицата кои нема да ги кастрираат и ојаловат своите миленици, следува казна од 100 евра.