Кино сала, простории за друштвени игри, пинг-понг...приказната за комплексот Железничка колонија во Скопје

Во Скопје има бисери на архитектурата со историска вредност, на чие значење се помалку луѓе се сеќаваат.

Едно од нив е Железничката зграда станбен комплекс изграден кон крајот на четириесеттите години, специфично распореден околу еден централен заеднички двор, кој содржи и дополнителни простории наменети за колективни активности на станарите, како на пример кино салата на најгорниот кат, која некогаш активно се користела.

Проектирана од архитектот Михаил Дворников и изградена кон крајот на четириесеттите години, оваа зграда првично била наменета за луѓето вработени во Државната дирекција за железници – Скопје, по што и го добива името Железничка зграда.

Иван, Бајо и Томе -се едни од најстарите станари кои израснале во Железничка зграда. Тие навраќајки се на спомените велат дека  заеднички простории во кои се играле друштвени игри, пинг-понг, шах, во кино салата редовно се прикажувале филмови, а една професорка по физичко дури и ги научила станарите да играат бејзбол во дворот на зградата. Сепак, и покрај интензивната комуникација и дружби, во зградата се знаело за ред и мир, а навечер имало стражар на влезот и портите се затворале.

-Сега веќе на никој не му е гајле за зградата, иако многупати сме се пожалиле до институциите дека не смее да се остави објектот така да се распаѓа и да го губи оригиналниот лик. Порано оваа зграда беше препознатлива. Сега луѓето во Скопје не ни чуле за неа! - велат станарите.

Неодамна од општина Центар најавува реновирање на Железничката зграда во Скопје. 

-Општина Центар и јас како градоначалник веќе имаме испланирани средства и извесни планови за поддршка на реконструкцијата на Железничката зграда, но очекуваме проактивна вклученост на жителите. Оваа зграда е наше културно наследство и е пример за извонредно архитектонско решение во просторот. На јавниот  настан „Активно кино на заедницата“ кој се одржа минатата сабота во кино салата на Железничката зграда, се одржа дискусија на тема „План за употреба на Железничката зграда“. Шест млади архитекти понудија предлог решенија за уредување на кино салата, а најдобрите, избрани од стручна комисија, беа наградени. Нам ни останува со заеднички сили со граѓанскиот сектор да ги реализираме овие извонредни идеи, вели Богдановиќ.

Општина Центар веќе има издвоено буџет за реновирање на култната Железничка зграда во центарот на Скопје. Потребно е да се креира работна група која понатаму ќе ја реализира целата постапка на заживување на овој архитектонски уникатен и вреден.