Кина постави нова цел за својата шумска политика: до 2030 година шумите да покриваат 25,8 проценти од територијата на земјата.

Photo by Sergio Kian on Unsplash
Целта е дел од новиот петгодишен план за заштита и користење на шумите и тревните површини, објавен во јули годинава.
Според планот, покрај зголемувањето на шумската покриеност, Кина има за цел до 2030 година шумскиот фонд да достигне 22,4 милијарди кубни метри. Планирани се големи програми за пошумување, обновување на деградирани подрачја и проширување на системот на заштитени природни подрачја.
Кина веќе има значително зголемување на шумската површина. Во 2024 година шумите покривале 25,09 проценти од територијата, а шумскиот фонд надминал 20,9 милијарди кубни метри. Според кинеските податоци, шумите и тревните површини годишно апсорбираат повеќе од 1,2 милијарди тони еквивалент на јаглерод диоксид.

Photo by Emile Guillemot on Unsplash
Новиот план предвидува и конкретни мерки за северните, северозападните и североисточните делови на земјата, каде што продолжуваат големите проекти за борба против опустинувањето и ширењето на песочните подрачја. До 2030 година се планираат и дополнителни мерки за заштита на шумите, тревниците, мочуриштата и пустинските екосистеми.

Photo by Shinzan Murray on Unsplash
Планот опфаќа и заштита на дивиот свет. Предвиден е посебен проект за итна заштита и мониторинг на 165 критично загрозени видови диви животни и растенија кои се под државна заштита.