Километарски колони - по саат време се вози од Карпош до Центар 

Километарските колони, никаква проодност на сообраќајот стана секојдневие по скопските улици особено кога граѓаните доаѓаат и заминуваат од работа. Блокирани се и алтернативните патишта.

Причината за сообраќајниот метеж граѓаните ја лоцираат во градежните активности на неколку клучни сообраќајници во главниот град, па жителите се принудени да вртат од подалечни места за да стигнат до дома. Дел од причината велат е и покрај тоа што се затворени клучни булевари, сообраќајот се пренасочува на сообраќајници кои не можат да одговорат на метежот, па возачите се принудени по неколку пати да вртат кругови за да стигнат до дома.

Три клучни сообраќајници месецов беа или уште се во градежни активности поради што градот е целосно закочен. Во Центар повеќе не е во функција Јужен булевар сообраќајница преку која скопјани од Карпош и Центар возеа кон Аеродром и Кисела Вода. Сега се принудени да возат само по улицата Јордан Мијалков или во хаосот низ центар. Оваа сообраќајница што треба да биде подземна нема да биде во функција најмалку шест години со што е пренасочен голем дел од сообраќајот.

Истовремено на крајот на булеварот Св. Климент Охридски и почетокот на булеварот Мајка Тереза што води кон Државна болница од лево е ископана огромна дупка што е проблем за возачите бидејќи пешаците се движат по коловозот.

Месецов се реконструираше и булеварот „Партизански одреди“ од мостот „Обединети нации“ до кружниот тек кај Порта Влае, како и улицата “Ацо Шопов” во Карпош, а се работи на нив или ќе се работи и на улиците „Брадфордска“ и „Лондонска“ во Карпош, улицата „Антон Попов“ во Кисела Вода. Реконструкцијата на Партизанска дополнително го направи невозможно возењето кон Ѓорче Петров и околните места.

Претходно започна и втората фаза од проектот за изградба на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Бутел. Освен градежните активности, организираните протести пред Собранието секој ден во 17 часот дополнително ги наелектризираа возачите кои поминуваат по оваа рута. Сите активности пак предизвикаа наместо за 15 минути колку што реално биле претходно релациите да се вози до истото место и по саат време.