
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска информираше дека кејот на Вардар во Маџир Маало добил нов лик.
„Денес, заедно со министерот за спорт Борко Ристовски, ги пуштивме во употреба обновените спортски терени на кејот на Вардар, на потегот кај Маџир Маало, место кое повторно се враќа на граѓаните како центар на рекреацијата, спортот и дружење. Кејот на Вардар е еден од моите клучни приоритети. Уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење и уредување, со цел реката повторно да тече во своето природно, достоинствено корито, а просторот околу неа да стане вистинска урбана вредност“, истакна Ѓорѓиевски во објавата на Фејсбук.
Тој посочи дека денес, овој дел од градот добива нова димензија - функционален, модерен и динамичен јавен простор, отворен за сите генерации.

„Реконструирани се терените за фудбал и кошарка, поставена е нова урбана опрема, трибини и ограда. Инвестирањето во спортот значи инвестирање во иднината, во здрави млади генерации, во дисциплина, дух на победа и во силно општество“, додава градоначалникот, кој воедно упати благодарност до министерот Борко Ристовски за поддршката и партнерскиот пристап.
Нагласи дека ваквата соработка носи конкретни резултати и создава проекти со вистинска вредност за граѓаните.