Кејот „13 Ноември“ со комплетно нов лик

На 58-годишнината од катастрофалниот земјотрес, која се случи вчера, Кејот „13 Ноември“ на потегот од градскиот плоштад до булеварот Стив Наумов има целосно ново партерно уредување.

- Како што и самите можете да се уверите, шеталиштето на Кејот 13 Ноември никогаш не било поубаво и никогаш не било толку полно со луѓе кои со уживање ја користат ширината на овој простор. Реконструкцијата на овој дел од Кејот опфати партерно уредување на површина од околу 12.500 метри квадратни која концептуално е поврзана со околните објекти – рече градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

Со реконструкцијата на кејот беше изведено целосно ново поплочување, патека за лица со инвалидитет, поставени се нови клупи, корпи за џебен отпад, нови жардиниери за дрворедот кои целосно ги ослободуваат корените на овие дрвја, канделабри, рефлектори за осветлување и нови бетонски и нови електрични столбови заради реализирање на забраната за паркирање.

- Ослободивме повеќе место за пешаците и велосипедистите преку целосно спречување на можноста за нелегално паркирање на овој простор и сериозно ограничување на протокот на возила кои ќе можат да ја користат сервисната улица лоцирана непосредно до самиот ѕид на кејот. Кејот има доволно простор за сите негови корисници од граѓаните кои го користат за прошетки, одмор и релаксација, па се до бизнисите кои во најголем дел се угостителски објекти со повеќегодишна традиција. Терасите кои ги користат угостителските објекти сега се унифицирани и организирани се на начин што овозможува да дојде до израз прекрасниот двоен дрворед од повеќегодишни дрвја со раскошни крошни – кажа Шилегов.

Тој дополни дека конечно е воспоставен ред на овој дел од кејот, спречено е самоволието и хаосот од непрописно паркирани возила кои последните десетина години го правеа небезбедно движењето на пешаците и на велосипедистите.

- Нашиот сон се оствари, во екот на летната сезона Кејот 13 Ноември, повторно е полн со наши сограѓани кои се чувствуваат пријатно тука и уживаат во благодатите што ги нуди вака уредениот простор. Денес, сеќавајќи се на жртвите на Скопскиот земјотрес, во нивна чест со гордост можам да кажам дека Скопје повторно е наша радост, а Кејот 13 Ноември повторно е местото каде што таа радост најубаво се гледа – изјави Шилегов.

На отворањето на новиот Кеј настапи Градскиот дувачки оркестар, а се одржа и изложбата на отворено „Сигналитика на централното подрачје на Скопје“.