
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, кардиологот Сашко Кедев зборуваше за главните причини за појава на кардиоваскуларни болести, што може да се направи превентивно, а зборуваше и за пушењето на јавните места како мерка.
Доктор Кедев како мајорни ризични фактори за кардиоваскуларните болести ги посочи пушењето, покачениот крвен притисок, шеќерната болест и покачено ниво на холестерол во крвта.
„Значи таа дислипидемија. Тие се мајорните ризични фактори и, за среќа, ние можеме сигнификантно да делуваме на тие мајорни ризични фактори. На пример, за хипертензија јас повеќе го потенцирам тој факт – артериска хипертензија, кај многу, не кај сите, меѓутоа кај огромен број пациенти ќе се подобри статусот на хипертензија ако драстично се намали внесот на сол. Значи, внесот на сол е еден од основните механизми со којшто можеме да ја контролираме хипертензијата кај голем број наши пациенти, истакна Кедев.
За тоа дека не се пушеше на јавни места, но откако тоа се смени и сега практично речиси секаде се пуши, запрашан дали треба да се прави јавен притисок тоа да се менува - Кедев рече дека е голем поддржувач на тоа.
„Сметам дека имаме ретроградни процеси тука. Имавме една фаза кога имавме еден добар закон којшто функционираше, го почитуваа сите или најголем дел од граѓаните, меѓутоа сега за жал се наоѓаме во една многу ретроградна фаза кога тоа не се случува. Ако видите во рестораните, насекаде се пуши. Тоа е, за жал, многу несоодветно и кога можеше една Турција којашто важи за колепка на култот кон пушењето да спроведе таков закон и да го спроведува, ние мора да направиме нешто, сите заеднички да се вратиме кон тие ставови.
„360 степени“: Има ли резултати во Турција?
Сашко Кедев: Дефинитивно, дефинитивно во Турција, јас колку што знам, законот многу добро се спроведува.
Во однос на алкохолот, смета дека тоа е многу деликатно прашање, меѓутоа, од медицински аспект вели дека веќе се менуваат стандардите.
„Нашите препораки порано беа дека е препорачливо чаша до две алкохол, една за жени, две за мажи и дека дури може да биде поволно за кардиоваскуларниот систем. Последните препораки, значи ова се препораки што ги носи експертски конзорциум, базиран на медицина базирана на докази, и според тие европски препораки, нема безбедна количина алкохол што можеме да му ја препорачаме на пациентот. Кај алкохолот проблемот е социјалната димензија на тој процес. И тоа е проблем и е многу тешко да се менува тој менталитет. Меѓутоа, според мене, би било можеби најдобро секој да најде начин, ако не може да се откаже, да го намали внесот на алкохол и најверојатно во иднина ако поживееме подолго, ќе доживееме дека алкохолот ќе биде третиран како пушењето. Најверојатно, бидејќи овие податоци потекнуваат од големите дата-бази. Значи, тоа се на стотици милиони осигуреници кога се анализираат. И овие се тие податоци. Кај одредени студии има најдено корисен ефект на црвено вино на пример во мали количини, тоа е неспорно, меѓутоа ако се видат големите дата-бази на стотици милиони луѓе, тогаш нема баш поволни резултати, истакна докторот.
„360 степени“: Вие лично се напивате ли некогаш чашка-две?
Сашко Кедев: Па, порано сум консумирал чаша-две, во умерени количини, секогаш во умерени количини, меѓутоа неколку години сум на нула. Така што воопшто не консумирам алкохол.