Казните се ригорозни: Некои работници сѐ уште чекаат К-15

Вработените во приватниот сектор, до крајот на годината ќе добијат регрес за годишен одмор попознат како К-15 во износ од минимални 9.610 денари.

Иако веќе неколку години по ред се исплатува регресот за годишен одмор, наречен уште и К-15, и понатаму има изманипулирани работници, исплатен па вратен регрес, преполовена исплата на регресот и ред други прекршувања на одредбата. Исплатата на регресот за годишен одмор е обврската воспоставена со Општиот колективен договор (ОКД) за приватниот сектор од областа на стопанството и како задолжителна треба да се реализира до крајот на годината.

Од граѓанските здруженија досега неколкупати укажуваа на манипулациите што се прават при исплатата на К-15 и притоа посочуваа дека работниците за нив кажуваат дури откако ќе ја напуштат фирмата. Оттаму велат дека се исплаќаат износи од 500 денари за К-15, бидејќи не е утврдена минимална сума, и објаснуваат дека со потпишување договор меѓу компанијата и претставник на работниците, со кој се посочува дека фирмата работи со загуби, се утврдува помал износ на регресот отколку што е предвидено со договорот.

Има и ситуации кога работници не добиле регрес бидејќи заминале во друга фирма или на породилно отсуство.

Според податоците за движењето на нето/бруто платата по вработен, К-15 за оваа година ќе се движи од 9.610 денари (40 отсто од износот на просечната нето плата во последните три месеци) до 14.090 денари (40 отсто од износот на просечната бруто плата во последните три месеци).

Услов кој треба да се исполни за  регресот за годишен одмор е  работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач.

Регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината.

Казните за работодавците се огромни и до 4.000 евра.

За работодавачите кои нема да исплатат регрес за годишен одмор или ќе побараат од работниците да ги вратат парите предвидена е затворска казна до една година.