Казни од 250 евра за соптвениците на хаварисани возила оставени на јавни површини во Карпош

Општина Карпош е прва општина која потпиша договор со колективен постапувач за отстранување на отпадни (хаварисани) возила.

Имено општината денеска склучи Договор за соработка со колективниот постапувач ДУО Греен Роад ДООЕЛ, Скопје за собирање, регулирање и отстранување на отпадни (хаварисани) возила на јавни површини на територија на локалната самоуправа.

- Инспекторатот на Општина Карпош оваа акција освен со колективниот постапувач, ќе ја спроведе во заедничка соработка и со Министерството за Внатрешни работи преку урбаните заедници со цел подигнување на свеста на граѓаните за рециклирање на отпадните моторни возила, како и за зачувување на здрава животна средина преку нивно отстранување од јавна површина, појаснуваат од локалната самоуправа. 

По донесување на Законот за управување на посебни текови на отпад (Сл. Весник на РСМ бр.216 и 195/22) и член 63 од Закон за безбедност на сообраќајот, според насоките од Министерството за животна средина и просторно планирање, општина Карпош ги известува граѓаните за следново:

-ОТПАДНО ВОЗИЛО – ,,...е возило чија што употребна функција престанала и кое крајниот корисник го исфрла, има намера да го исфрли или од него се бара да го исфрли, вклучувајќи ги и сите негови составни делови и материјали кои во моментот на исфрлање претставуваат дел од отпадно возило...“ - чл. 7 од Закон за управување со дополнителни текови на отпад.

-Возилата кои ги исполнуваат условите од горенаведената дефиниција почнувајќи од денеска ќе бидат мапирани и за нив ќе се води база на податоци.

-За веќе мапираните отпадни возила ќе се доставува Изестување до МВР за добивање информации за сопственост на отпадното возило.

-Според информациите од МВР, инспекциските служби ќе лепат Известувања во кои се дава рок од 10 (десет) дена за отстранување на возилото. Истовремено инспектор за животна средина/комунален инспектор ќе изготви Записник при што во прилог со писмено Известување до сопственикот ќе бидат доставени на негова адреса.

- По истекот на дадениот рок, доколку отпадното возило не е отстрането од страна на сопственикот, инспекциските служби носат Решение за опомена во времетраење од 5 (пет) дена до сопственикот на возилото, а доколку сопственикот на возилото не постапи по Решението до МВР се доставува известување за одјавување и отстранување на возилото.

- По истекот на рокот од 5 (пет)дена, отпадните возила го превзема колективен постапувач кој ги дислоцира на соодветно собирно место.

Оттаму апелираат до сите жители кои се сопственици на вакви отпадни моторни возила, а се на јавна површина да ги дислоцираат/отстранат во најкус можен рок. Доколку не го сторат тоа, ќе се поведе инспекциска постапка со изрекување на казна – глоба во вредност од 250 евра според чл.67 од Закон за управување со дополнителни текови на отпад.