Казна од 200 евра ако во Грција возите без меѓународна возачка дозвола

Граѓаните кои патуваат со автомобил во странство, покрај потребата да имаат зелен картон, патничко осигурување, неопходно е да имаат и меѓународна возачка дозвола, која има важност три години. Во земјите од регионот, меѓу кои и Грција и Хрватска, Македонците задолжително треба да поседуваат меѓународна возачка, во спротивно казната изнесува околу 200 евра.

Ваква дозвола треба да се има доколку се патува во повеќето земји кои се членки на ЕУ, бидејќи ако не ја поседувате, а ви се случи сообраќајна незгода, тогаш и да не сте виновен штетата ќе ја покриете целосно и дополнително ќе платите казна на државата каде што во тој момент се наоѓате.

Но, доколку граѓаните патуваат во Албанија, Црна Гора, Србија, Бугарија, Словенија, Романија, Италија и Шпанија не мора задолжително да поседуваат и меѓународна возачка дозвола, доволно е да ја имаат националната, бидејќи со овие земји Македонија има потпишано договор за признавање на националните возачки дозволи.

Како што информираат од МВР, меѓународна возачка дозвола треба да се поседува, без оглед што македонската возачка дозвола е биометриска. Поседувањето на ваква дозвола е согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патишта и се спроведува со цел да послужи како доказ дека на подносителот, односно на возачот дека не му била изречена прекршочна санкција – забрана за управување со моторно возило.

Од лани за да извадите Меѓународна возачка дозвола, покрај досегашните документи, потребено е да имате и потврда од Министерството за внатрешни работи за прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило. Овој документ е доказ дека возачот нема евентуални забрани за возење во некоја странска држава. Тој се издава од страна на МВР во местото на живеење на возачот и чини 50 денари административна такса. Вкупно за да се поседува меѓународна возачка дозвола ќе ве чини околу 950 денари.

Документот се издава веднаш, бидејќи евентуалните забрани за возење во странство по било кој основ, се евидентираат електронски во местото на живеење на возачот, па оттаму и издавањето на потврдата трае кратко време.

Од АМСМ потсетуваат дека за да се извади меѓународна возачка дозвола заедно со потврдата, се потребни и две 2 фотографии, лично присуство со документ за идентификација – лична карта или пасош, но и национална возачка дозвола. Според законската регулатива по истекот на важноста на националната возачка дозвола истекува и важноста на меѓународната возачка дозвола.

Доколку планирате патување во странство, а немате сопствено возило, тоа можете да го сторите со туѓо моторно возило, но потребно е да се снабдите со Одобрение за управување со туѓо моторно возило надвор од границите на Република Македонија. Овој вид на одобрение се издава со максимален рок на важност од една година, а се што ви е потребно е сообраќајна дозвола од возилото кое се дава на користење, лична карта на сопственикот, патна исправа на корисникот, лично присуство на сопственикот и корисникот. Цената на овој документот ќе ве чини 600 денари.

За патување во странство во автомобилот треба да се поседува и дополнителната опрема. Прописите се разликуваат од земја до земја, па возачите мора добро да се информирани пред поаѓање на пат, неопходно е во автомобилот да се има и прва помош и дополнителна автоопрема. Во некои земји бараат противпожарен апарат или атест за плин.