Лицето кое ќе го паркира својот автомобил на место наменето за инвалиди ќе биде казнето со 180 евра или ќе добие 40 негативни бодови во возачката дозвола.

Ова е дел од кампањата „Некултурата не е инвалидитет“ која доби поддршка од МВР од каде апелираат граѓаните да бидат совесни и хумани и да не ги узурпираат местата за лицата со инвалидитет, а ваквите случаи да ги пријавуваат на бројот 192.

Во Македонија се проценува дека околу 10 отсто од вкупната популација се лица со посебни потреби кои се судруваат со многу бариери во секојдневниот живот, а една од нив е узирпирање на местата за паркирање наменети за нив од несовесни граѓани.

– Ние имаме многу пречки за нормално да функционираме во секојдневието. Се судираме со непристапни згради и установи, високи тротоари, семафори без звучна сигнализација, а секојдневно се соочуваме и со тоа на паркинг местата определени за нас, многу возачи да ги паркираат своите возила, иако се предупредени со вертикална сигнализација дека местото на кое паркираат е наменето за лица со попреченост – вели Вангел Тркаљанов, од кабинетот на Министерот за труд и социјална политика.

Во напорите за подигање на свеста на населението се вклучи ”Скопје Сити Мол” кој, освен што има достапен пристап за влез во трговскиот центар, пристапни тоалети и лифтови за да можат и ова категорија лица непречено да пазаруваат во молот, за нив се обезбедени посебни паркинг места, кои се прописно обележани.

Бидејќи се случува истите да бидат узурпирани од несовесни возачи, паркинг местата сега се означени со балони, а на возилата на оние кои и покрај ознаките сепак ќе се паркираат на овие места ќе бидат оставани посебни налепници за некултурно однесување.