Казна до 700 евра: Задолжителна кастрација на домашни миленици

Високи казни за оние кои нема задолжително да ги кастрираат своите домашни миленици, ова е клучната измена во Законот за заштита и благосостојба на животните, предложен од страна на група пратеници од власта, со кој тие се убедени дека ќе се намали бројот на улични кучиња.

Во образложението на предлог-измените стои:

-Сопствениците на кучиња кога тие се во репродуктивен период се должни да ги кастрираат или ојаловат во ветеринарни амбуланти, болници и клиники овластени со законските одредби за ветеринарна здравствена заштита, освен сопствениците на кучиња кои имаат регистрирано одгледувачници. Трошоците за овие постапки се на товар на сопствениците на кучиња, се вели во текстот.

Се предлага казна од 100 евра за сопствениците на кучиња кои нема да ги кастрираат и ојаловат своите миленици, како и зголемување на глобите за правни лица од 100 на 700 евра, доколку ги прекршат одредбите од член 27 од Законот, односно ако не го пријават своето куче еднаш годишно во ветеринарните амбуланти, потоа ако не истакнат табла која укажува на присуство на куче, ако на јавни места не ги држат на поводник, потоа ако не го пријават леглото во ветеринарна амбуланта, ако не ги пријават лицата кои ги вдомиле.

Со измените и дополнувањата на Законот за заштита и благосостојба на милениците што го предлага Агенцијата за храна и ветеринарство се забранува неконтролирано размножување и продажба на миленици, се забранува продажба на мачки и кучиња во продавниците за миленичиња, како и продажба на овие животни на малолетни лица.