Вкупната вредност на извозот на стоки од земјата, за периодот јануари-август оваа година, изнесува 5.190,2 милиони евра, што е намалување за 5,7 проценти во споредба со истиот период минатата година. Вредноста на увезените стоки достигна 7.341,3 милиони евра, зголемувајќи се за 0,6 проценти во однос на истиот период лани.
Според податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС), трговскиот дефицит изнесува 2.151,2 милиони евра, со покриеност на увозот со извоз од 70,7 проценти.
„Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за превоз на лица“, наведува ДЗС.
Во периодот јануари – август 2024 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, земјава најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија.