Каруселот ќе врти во Аеродром

Од плоштадот во центарот на Скопје, вртелешките и возот се преместени во паркот кај авионот во населбата Аеродром. Реквизитите се уште не се пуштени во употреба, а во паркот се подготвува теренот и за поставување на каруселот , дел од проектот „Скопје 2014“.

Детската вртелешка е во барок стил, со дрвена ротирачка платформа со фигури на коњчиња, кочии и чашки. Пред неколку дена беше отстранета од плоштадот, каде беше поставена пред пет години, а за неа јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ плати 162.600 евра, обезбедени од буџетот на Град Скопје.

Пред една година кај црквата „Света Богородица“ , спроти МНР, беше поставен и вториот карусел , во вредност од 180.000 евра, кој сега според најавите ќе биде преместен во паркот во населбата Чаир.

Каква ќе биде судбината на останатите обележја од контроверниот проект „Скопје 2014“ зависи од препораките на комисијата при Министерството за култура која веќе неколку месеци прави ревизија на постапките на поставување на спомениците  и наскоро се очекува да излезе со податоци и препораки за можно отсранување и на другите објекти.