Карши судовите, се гради објект пред ТЦ „Мавровка“ на местото на кафулето кое изгоре

Дигнат е првиот кат од објектот кој нелегално се гради пред ТЦ „Мавровка“ на местото на кафулето кое изгоре пред два ипол месеци. Сега се поставува плоча и арматура за бетонски столбови за вториот кат на објектот за кој градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу тврдеше дека нема да биде цврста градба.

Ганиу пред две недели во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК кажа дека не се гради објект туку се враќа кафулето во првобитна состојба како пред пожарот и за тоа му е издадена дозвола од Општината.

„Ве уверувам дека нема да се гради никаков објект, кафуле ќе си биде како што беше. Нашите инспектори беа на терен и се постапува соодветно“, рече на 30 јуни градоначалникот Ганиу.

 Но, и покрај ваквите изјави на Ганиу на терен се гради објект, нигде нема табла кој е инвеститор ниту каков објекти и на колку ката ќе никне. Пред неколку дена од работници и луѓе кои се наоѓаат на градилиштето на фоторепортерот на САКАМДАКАЖАМ.МК не му беше дозволено да фотографира на локацијата која е заградена со тараби.

Денеска градоначалникот Ганиу на нашето прашање дали сѐ уште тврди дека нема објект пред ТЦ „Мавровка“ ни одговори дека во текот на денот Општината ќе испрати писмено соопштение до медиумите за конкретниот случај и за сите процедури кои ги презеле.

izvor - sdk.mk