Карпошани повеќе нема да чекаат со месеци за упис во градинка на своите деца

Чекање со месеци за да го примаат детето во градинки е еден од најчестите проблеми со кои се соочуваат родителите од повеќето скопски општини.

Многумина се шегуваат дека детето штом се роди треба веднаш да се поднесат документи за упис, за да го примаат на тригодиша возраст.

Изминативе две години имаше и дополнителни потешкотии при уписот на деца во градинките поради ковид протоколите.

Општина Карпош се обиде да најде решение да проблемот со местата во градинките.

Имено, од следниот месец во градинките во оваа скопска општина нема да се примаат деца чии родители не се жители на оваа општина.

Во моментов 306 дечиња од општината чекаат место во градинките во Карпош, а во нив се сместени 200 деца од други општини.

Според градоначалникот Стевчо Јакимовски, родителите кои живеат во општина Карпош треба да имаат предност за згрижување на децата, затоа што тука плаќаат данок.

Оваа одлука наиде на низа поделени реакции. Едни се на став дека Карпош не е на градоначалникот па така да решава, други сметаат дека овој пример треба да го следат и други општини.

-Така треба за сите општини, не само за Карпош, од тие такви за моето дете нема место и го носам со мене на работа, некој има и баби и дедовци кои што ги чуваат и држат место во градинка, а некој нема никој и го носи на работа детето, вели една мајка.

Инаку граѓаните кои се под кирија во Карпош потребно е да донесат договор дека живеат под кирија и потврда од УЈП. Договорот треба да биде постар од 18 месеци, за да нема злоупотреби.