Карпошани бараат повеќе „пајаци“ за ослободни тротоари

Во урбаната заедница Влае 1, вечерва се одржа уште една полициско – граѓанска патрола во организација на Полициската станица Карпош и Општина Карпош, соопшти Општината.

На вечерашната средба со граѓани присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев кој пред присутните говореше за безбедноста во Општината и тековните проекти кои се реализираат.

– Сакаме да создадеме партнерски однос меѓу граѓаните, локалната самоуправа и Полициската станица – Карпош. На овој начин ќе имаме подобра комуникација и полесно ќе се информираме за маалските проблеми, а и граѓаните ќе бидат посигурн -, рече Богоев.

На средбата, граѓаните се интересираа и за тековните проекти кои Општината ги има предвидено за Влае.

Градоначалникот Богоев напомена дека во изминатиот период целосно се обновија двете детски игралишта во Влае 1. Имено, старите и дотраени реквизити се заменија со нови, изработени од еко материјали.

Во претстојниот период ќе започне да функционира и подрачната канцеларија на Министерството за труд и социјална политика, токму во Влае, при што граѓаните ќе можат на полесен начин да ги остварат своите социјални права.

Во консултација со жителите е договорено да се изгради и парк за миленици долж реката Вардар, кај спортското игралиште во Влае.

Вечерашната средба имаше и интерактивен карактер, при што присутните даваа голем број на забелешки, за проблемот со паркирањето во Влае, долж улиците „Франце Прешерн” и „Иван Цанкар”.

Истакната е потребата од поголемо присуство на пајак службите за да се „ослободат” тротоарите од возилата, но исто така и да се создаде одржливо и трајно решение за зголемување на капацитетот на паркирање.

Претставниците од ПС Карпош се осврнаа на овој тип на средби кои се реализираат во повеќе урбани заедници.  Заклучокот е дека постојат повеќе критични локации на кои ќе се обрне посебно внимание во летниот период.

Примарната цел е да се заштити јавниот ред и мир во маалските паркови и платоа, граѓаните да бидат спокојни и безбедни во своите средини.