Карпош од „Спалната на Скопје“ стана индустриско - деловен центар

Врие од автомобили околу болницата „8 Септември“. Вработените во болницата но и граѓаните кои ги затекнавме утрово на паркингот велат дека во околината фалат многу паркинг места. Недостигот на паркиралишта се чувствува секојдневно а легалните паркинзи се полнат до 10 часот наутро, и во понатамошниот тек на денот секој се снаоѓа како знае и умее.

- Еве и самите гледате дека паркингот е веќе полн а е 10:30. Сите што ќе дојдат по ова време се паркираат на околните тротораи, пешачки патеки, па и на тревниците. Нема друго решение а луѓето имаат мака. Доаѓаат болни кои не можат да се движат па нивните блиски ги оставаат пред влезот на болницата а понатаму си бараат решение за паркинг во околниве населби, меѓу зградите – ни изјави вработен во обезбедување на болницата.

Неколкуте објекти околу оваа болница како што се и Поликлиниката „Букурешт“  позната како „Румунска болница “, неколкуте стопански објекти, ресторани и ТЦ „Лептокарија“ додатно ја усложнуваат состојбата со паркиралиштата и со зголемената фреквенција на луѓе околу нив.
Во нивна близина е и приватната клиника „Жан Митрев“ која има свој паркинг но често пати и тој до пладне е полн па нивните посетители автомобилите ги оставаат на улицата „Бледски договор“ која минува пред клиниката.
Со мал капацитет е и паркингот на Поликлиниката „Букурешт“  кој практично служи само за паркирање на возилата на вработените во поликлиниката.

Единствените празни парцели каде што нема ништо изградено, а се во близина, се оние пред и зад клиниката „Жан Митрев“ но според ДУП нивната намена не е за паркинг туку за деловни објекти едната дури и за медицинска установа.

За сега нема најави за некакво решение од локалните власти за овој проблем иако во неколку наврати се размислуваше за монтажен паркинг како оној карши ТЦ „Беверли Хилс“ бидејќи место за катна гаража нема. Слична е состојбата и околу ТЦ „Сити Мол“ па се до мостот “Обединети нации“.

Жителите на Карпош велат дека состојбата е одамна излезена од контрола и дека Карпош ги изгуби епитетите кои ги имаше како мирна, зелена, населба за живеење.

- Ако порано Карпош се сметаше за „Спалната на Скопје“ каде мирно и тивко се живееше, сега веќе не е така. Сега стана еден вид трговско-индустриска зона во која најдобро оди бизнисот но не и живеењето. Инфраструктурата која беше изградена за населението се повеќе ја превземаат компаниите кои одлучуваат токму тука да работат. Ургентно фали децентрализирање, растеретување, на населбите наменети за живеење – вели Милка И. жителка на Карпош 3.

На потег е локалната власт која што поскоро мора да најде решение пред комплетно да се закрчат сите споредни улици кои сообраќаат кон булеварите а се во овој дел на општината.