Карпош најатрактивна локација за живеење

Скопската општина Карпош во јули годинава беше најатрактивна локација во земјава за инвестирање во станбени згради со предвидени за изградба 74 станови со вкупна површина од 4.520 квадрати.

Дека главниот град останува магнет за купувачите на нови станови потврдуваат последните статистички податоци. Од вкупно 210 станови, колку што беше предвидено да се изградат низ цела Македонија, според градежните дозволи издадени во јули, дури 120 се во Скопје со вкупна корисна површина 9.482 квадратни метри.

Од другите скопски општини, градежниците се многу заинтересирани за локации во општина Кисела Вода, каде во овој период се градат 14 станови со вкупна површина од 1.279 квадратни метри. Во Скопскиот регион, градежната механизација беше активна и во општините Гази Баба и Илинден. Во нив, во јули беа издадени градежни дозволи за изградба  на по нови 11 стана. Интересен е податокот дека во минатиот месец не е издадена ниту една градежна дозвола на територијата на општините Аеродром и Центар, кои вообичаено се многу барани од градежните инвеститори. Но, затоа, во овој период се градат пет стана во Сопиште, два во Чучер Сандево, и по еден во Бутел, Ѓорчр Петров и во Петровец.

На државно ниво, по Карпош и другите скопски општини, најмногу станови се предвидени да се градат во Струга, вкупно 22 станови, во Прилеп и во Штип по 8 станови, во Тетово 6, а во Велес 5 станови.

По Скопскиот регион, во јули најмногу станови се градат во Југозападниот регион, во кој се издадени одобренија за градба на 32 станови.И во Полошкиот регион не беше мирно на градежните локации, таму е одобрена изградбата на 19 станови. Во Пелагонискиот и во Источниот регион се градат по 11 станови. Градежните машини имаа помалку работа во Југоисточниот и во Североисточниот регион, каде се издадени одобренија за градба за само по 6 станови, а Вардарскиот регион се градеа само пет стана, сите во Велес.

Од аспект на квадратурата, инвеститорите се првенствено заинтересирани за изградба на двособни станови (55), но не заостануваат и трисобните (41) и четирисобните станови (48). Статистиката евидентира и изградба на 29 еднособни, 17 петособни и 15 шестособни станови. Во изградба се и 5 седмособни станови, по еден во Штип, Кичево, Кривогаштани, Желино и Теарце. Во овој месец не е забележана изградба на ниту еден стан со осум и повеќе соби.

Во Скопје најбројни се двособните станови (26), а по нив се трособните (26) и четирисобните (27). Потоа се еднособните (20), па шестособните (8). Со пет соби се градат само три стана.