„Карпош на точак“ - нови субвенции за велосипеди

Општина Карпош од денеска продолжува со акцијата за субвенционирање на купување на нови велосипеди. Ќе се субвенционира 30% од цената на купениот нов велосипед, но најмногу до 3.000 (три илјади) денари.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев во изјава за медиумите говореше за условите и критериумите на Јавниот повик, како и за придобивките од оваа акција:

- Право на субвенција има секој полнолетен жител на Карпош, кој ќе купи нов велосипед, започнувајќи токму од денеска, 1. февруари.
Граѓаните треба да достават копија од лична карта, од трансакциска сметка, од фискална сметка (оригинал) за велосипед којшто е купен не порано од 01.02.2019, рече Богоев.

Локалната самоуправа минатата година за прв пат субвенционираше купување на велосипеди и како резултат на големиот одзив и позитивните реакции, продолжуваме и оваа година.

За реализација на оваа акција годинава ќе се одвојат 500 илјади денари од Буџетот на Општина Карпош, а исплатата на средствата ќе биде по завршување на изборниот процес (претседателските и локалните избори).

Поттикнувањето на возење велосипед, како препорака е вметната и во новиот Локален еколошки акциски план (ЛЕАП) на Карпош, со што директно, на долг рок, се влијае на заштита на животната средина и на намалување на аерозагадувањето.