Карпош, Илинден и Кисела Вода најтранспарентни општини во Скопскиот регион

Карпош, Илинден и Кисела Вода се трите најтранспаренти општини од Скопскиот регион, покажа истражувањето направено од Центарот за граѓански комуникации кое го одредува индексот на активна транспарентност на институциите.

-Работиме транспарентно и одговорно, јас како градоначалник и општинската администрација секогаш сме на располагање на граѓаните на Карпош. Бројките се мерливи и им благодариме на Центарот за граѓански комуникации за рангирањето. Продолжуваме да работиме со отворени врати за секој граѓанин, истакна градоначалникот Стевчо Јакимовски по објавувањето на резултатите. 

Општина Илинден се наоѓа во групата институции со „многу добра“ активна транспарентност, односно исполнување на обврските од над 95% до 100%.

Општина Илинден за само една година  ја подобри својата активна транспарентност за речиси 50 процентни поени.

Пораст од 26,4 % во транспарентноста во однос на претходната година е регистриран кај Општина Кисела Вода. Истражувањето оваа година ја рангира Кисела Вода во највисоката категорија, т.е. многу добра со 85.5% од степенот на исполнетост на обврските.

Објавувањето на информации на сопствена иницијатива, почитувањето на законскиот рок за доставување на одговори, обезбедувањето на пристап до законски предвидените информации за надлежноста, услугите и за тековните проекти, буџетската и финансиска транспарентност, редовното ажурирање на општинската веб страница, се само дел од критериумите на истражувањето кое ја позиционираше Општина Кисела Вода во првите три скопски најтранспарентни општини, порачаа од Кисела Вода.