Карпош додели по 4.000 денари за над 100 хендикепирани лица

Со заедничка дружба и парична помош за над стотина граѓани, општина Карпош го одбележа Меѓународниот ден на лицата со хендикеп.

Средбата се организираше традиционално, по седми пат, во рамки на планираните програмски активности на Одделението за детска, здравствена и социјална заштита при Општина Карпош.
На заедничката дружба присуствуваа лицата со хендикеп, советниците од локалната самоуправа и градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев. Тој им додели еднократна парична помош од 4.000 денари на над 100 граѓани кои влегуваат во оваа социјална категорија.

– Хуманоста и солидарноста треба да бидат наше секојдневие, а заложбата на општината е грижа за овие лица 365 дена во годината. Само на тој начин ќе овозможиме подобри услови за лицата со попреченост и локална заедница која ги вклучува своите граѓани – порача Богоев.

Тој нагласи дека потребна е поголема поддршка и соработка со лицата со попреченост и граѓанските здруженија кои се борат за заштита на нивните права.

– Пристапните рампи и финансиската помош се нешто што ќе продолжи да се реализира, но, треба да работиме и на одредени посуштински аспекти и на решавање на други проблеми од секојдневието на лицата за посебни потреби – рече Богоев и најави дека првично ќе се изработи сеопфатен регистар во кој ќе бидат наведени сите лица со попреченост во општината.

На средбата граѓаните ги споделија своите искуства и ги предочија проблемите со кои се соочуваат во нивното секојдневно функционирање.