Карпош доби 200 нови дрвја за полесно да дише

Општина Карпош денеска ја реализираше завршната фаза од големата еколошка акција во чии рамки беа засадени околу 200 нови дрвја.

Локалната самоуправа го збогати дрвниот фонд на своја територија со повеќегодишни квалитетни израснати дрвја од типот Јасен, Јавор, Багрем, Липа, како и зимзелена Туја и украсни повеќегодишни грмушкасти растенија од типот Лаванда, соопшти Општината.

– Почнувајќи од плоштадот „Делфина“ во населбата Влае, општинските служби го обновија зеленилото на повеќе локации во населбите Тафталиџе 1 и 2, во Карпош 3 и 4, а нови дрвја беа наседени и околу „Млечниот ресторан“ во У.З „Владо Тасевски“, околу плоштадот кај Педагошкиот факултет и на плоштадот во „Бардовци, стои во соопштението.

Општина Карпош годинава презеде повеќе еколошки иницијативи со цел, облагородување на меѓублоковското зеленило околу колективните станбени објекти. Конкретнава акција ја реализираше како една од превентивните мерки во борба против загадувањето и одржувањето на здравата животна средина.