Карчовски: Урбаниот дел од Аеродром е пренаселен, а Лисиче е далеку од урбанизирано и средено

Јован Карчовски, кој беше споменуван како потенцијален кандидат за градоначалник на општина Аеродром, на својот фејсбук профил сподели објава во која го анализира прашањето со населбата Лисиче за која како што вели е далеку од урбанизирана и средена. 

-Гледајќи го почетокот на кампањата (која официјално не е ни почната!), на прва ми доаѓа една грижа: А каде е Лисиче?!? Повеќепати во текот на изминатата година се залагав за создавање на долгорочен и сеопфатен концепт за развој на општина Аеродром. За Аеродром за 21-ви век! Нам во Аеродром ни треба еден вид на партнерство, или договор за иднината, кој нема да се менува во зависност од тоа кој е на власт. Тоа партнерство најпрво треба да почне со решавање на внатрешните вештачки поделби помеѓу урбаниот дел на Аеродром и Лисиче. Едноставно е, Аеродром и Лисиче треба да си подадат рака и рамо до рамо да одат напред кон иднината. Аеродром е голема општина по површина. Но урбаниот дел од Аеродром е пренаселен, а Лисиче е далеку од урбанизирано и средено, вели тој. 

Карчовски се надева дека кандидатите за градоначалник ќе ветат конкретни проекти и визија за развој на Лисиче.

-Сакам да кажам дека на Лисичани им е дојдено преку глава од предизборни ветувања. И затоа убеден сум дека на овие избори тие мнооогу внимателно ќе измерат кому ќе му ја дадат довербата. Лисичани ќе бараат конкретни проекти, со прецизни рокови и беспрекорна реализација. Лисичани не забораваат, и не простуваат, заклучува тој во својот коментар на фејсбук.