
Денеска низ светот се одбележува Меѓународниот ден на младите – ден посветен на генерацијата која претставува движечка сила на секое општество. Иако младите во различни делови од светот не секогаш се соочуваат со исти предизвици и водат исти борби, модерното време, глобализацијата и интернетот создадоа низа универзални прашања поврзани со нивното образование, вработување, општествената активност, политичкото учество и иднината.
По повод овој ден, фокусирајќи се на предизвиците со кои се соочуваат младите во Македонија, Скопје Инфо разговараше со Александар Каратошо – претседател на Советот за млади на Претседателката Гордана Сиљановска Давкова и заменик-директор на Пантеон Платформа.
Каратошо смета дека одбележувањето на Меѓународниот ден на младите треба да започне со сериозна рефлексија на нивната положба во општеството, особено во период кога Македонија, како и голем број европски држави, се соочува со сериозна демографска криза и недостиг на млади луѓе.
Според него, во изминатиот период може да се забележат одредени позитивни промени. Училиштата и студентските домови во голема мера се реконструираат и доградуваат, а младите имаат повеќе можности за пракса, вработување, отворање сопствен бизнис и стекнување нови вештини.
„Државата направи субвенциски програми за решавање на станбеното прашање на младите многу пред тоа да стане тема во голем број развиени економии, што денес се смета за еден од главните младински проблеми на глобално ниво. Сметам дека оваа мерка дефинитивно треба повторно да се имплементира“, вели Каратошо.
Но, позитивните примери, според него, не се доволни за да ги надминат суштинските проблеми со кои се соочуваат младите, а кои, кога ќе се акумулираат, придонесуваат кон зголемен одлив на мозоци и иселување.
Како еден од клучните проблеми го посочува образованието. Квалитетот на образованието, студентскиот статус и неконкурентноста на универзитетите во државата се, според него, меѓу причините поради кои младите уште во рана фаза од својот живот започнуваат да размислуваат за преселување во странство.
„Универзитетот во Љубљана е втор универзитет по број на запишани македонски студенти, што е показател за тоа колку младите ја користат можноста своето образование да го продолжат надвор од државата“, посочува тој.
Дополнителен проблем е и некомпатибилноста меѓу образовниот систем и потребите на пазарот на труд. Младите, вели Каратошо, често излегуваат од образовниот процес без доволно практични знаења и вештини кои се бараат од работодавачите, што дополнително го отежнува нивниот влез на пазарот на труд.
Ситуацијата дополнително ќе се менува со забрзаниот развој на вештачката интелигенција.
„Некомпатибилноста помеѓу работниот пазар и образовните програми го прави влезот на пазарот на труд многу потежок, а со развојот на вештачката интелигенција сето ова уште подрастично ќе се менува“, предупредува Каратошо.
Еден од потенцијалите кој го гледа кај младите е нивното активно учество во општествените процеси, како на локално, така и на национално ниво. Како еден од механизмите ги посочува локалните младински совети, преку кои младите можат директно да учествуваат во процесите на носење одлуки и креирање политики.

И самиот Каратошо повеќе од една деценија е активен во граѓанскиот сектор. Вели дека мотивот отсекогаш бил желбата да направи нешто повеќе за подобрување на општеството и средината во која живее.
„Навистина ја сакам мојата татковина и секогаш сум се обидувал да направам што е можно повеќе за нејзиниот напредок и афирмација, дали е тоа преку работа и делување во рамки на државата или пак претставување и промоција надвор од неа“, вели тој.
За него, секој граѓанин има важна улога во развојот на државата и во создавањето подобро место за живеење за новите генерации. Особено ја издвојува можноста преку својата работа да ја претставува Македонија пред млади луѓе од други држави и континенти.
„Можноста да бидам домаќин на млади луѓе од други држави и континенти кои за првпат доаѓаат во Македонија или пак да ги претставам нејзините природни убавини, култура, традиции, храна и пијалаци за мене било едно од омилените задачи и се трудам да го правам најдобро што можам“, додава Каратошо.
Тој верува дека граѓанскиот ангажман е важен дел од одговорноста на секој граѓанин кој сака неговата држава да напредува, но и дека активизмот носи конкретни лични придобивки – од стекнување искуство до развој на животни и професионални вештини.
Особено важни, според него, се меките вештини, кои ќе добиваат уште поголемо значење со развојот на вештачката интелигенција.
И покрај потенцијалот, Каратошо забележува загрижувачки тренд – намален интерес кај младите за волонтирање, граѓанскиот сектор и општествено корисните иницијативи.
Како спротивна страна на оваа појава ги посочува и случаите на меѓуврсничко насилство и вандализам, за кои смета дека долго време не добиваат доволно институционално и општествено внимание.
Токму затоа, според него, мора да се создаваат повеќе механизми преку кои младите ќе бидат поттикнати да учествуваат во заедницата и да чувствуваат дека нивниот глас има значење.
Во таа насока, Каратошо смета дека треба сериозно да се дискутира и за ограничување на достапноста на социјалните мрежи за деца до 14 или 16 години.
Сепак, тој предупредува дека самото ограничување нема да биде доволно.
„Тоа мора да биде надополнето со сериозни структурни промени кои би стимулирале критичко размислување во текот на целиот образовен процес и комплетно реформирање на граѓанското образование“, вели Каратошо.

Каратошо ги сподели и идеите и плановите на Советот за млади на Претседателката, кој од септември треба активно да започне со работа.
Како еден од клучните приоритети го издвојува недостатокот на интерес кај младите за политичкиот и граѓанскиот живот, како и нивната мала вклученост во важните општествени процеси.
„Доколку се погледнат различни истражувања и анализи, се забележува континуирана стапка од 70% до 80% на млади луѓе кои се декларираат како општествено неактивни, односно никогаш не волонтирале, не земале учество во работилница или проект, ниту биле дел од граѓанска организација или политичка партија“, наведува тој.
Таквата состојба, според Каратошо, може да доведе до зголемена апатија, дистанцирање од заедницата, дополнителен одлив на мозоци и губење на квалитетни кадри кои би можеле да придонесат кон развојот на државата.
Еден од важните механизми преку кои Советот ќе се обиде да влијае врз овие процеси е воспоставувањето редовна меѓуинституционална координација и соработка за младинските прашања и политики.
„Доколку постои активна комуникација помеѓу носителите на одлуки и засегнатите страни, тогаш прашањата ќе бидат соодветно одговорени, а токму тука ја гледам важната улога на Советот за млади како уникатно институционално тело од овој тип“, објаснува Каратошо.
Според него, создавањето на Советот за млади, како и вклучувањето на помлади кандидати во политиката како пратеници, министри, градоначалници и советници, покажува дека младите се препознаваат како група која може значително да придонесе за развојот на државата.
Сепак, кога станува збор за репрезентативните младински тела, тој смета дека одговорноста е поделена меѓу институциите и самите млади.
Дел од вината ја гледа кај институциите, особено кај локалните самоуправи кои сè уште не ги исполниле сите обврски од Законот за младинско учество и младински политики. Од друга страна, смета дека дел од младите воопшто не се запознаени со механизмите кои им стојат на располагање или едноставно не ги користат.

За Каратошо, решението не е само во институциите. Тој смета дека и младите мора да преземат поголема одговорност и активно да се вклучат во процесите кои директно или индиректно ќе ја определат нивната иднина.
„Мојата порака до младите е да вложуваат во своите вештини и да бидат активни во сите општествени сфери и политички процеси затоа што секоја политика и одлука има директно влијание врз нив, дали во моментов или пак во иднина“, порачува Каратошо.
До носителите на одлуки, пак, тој упатува порака за создавање поголем простор за младите во процесите на носење одлуки.
„На носителите на одлуки би им порачал да овозможуваат поголем простор за младите да се вклучат во политичките и општествените процеси за да придонесат во креирањето на политики и нивната правилна имплементација“, истакна Александар.