Караџовски: 220 заразени од морбили, не правете геноцид врз децата, вакцинирајте ги

Расте бројот на деца, но и возрасни што се заразиле од малите сипаници. Според последните информации од здравствените власти, има пет нови случаи на заболени, со што бројот пораснал на 220 од прогласувањето на епидемијата пред еден и пол месец.

Лекарите апелираат дека единствениот начин да запре ширењето на морбилите е вакцинирањето и препорачуваат не само децата туку и родителите да се имунизираат.

„За да запре епидемијата, 15-ина илјади деца што не се вакцинирани треба да бидат. Има деца што немаат имунитет, тие ќе бидат првите што ќе заболат“, порача д-р Жарко Караџовски и додаде дека со апстиненција од вакцинација се доведува здравјето на детето во огромен ризик.

„Со вашата немарност и залуденост од светските мрежи, каде што ќе најдете секакви податоци, се доведувате во ризик да заболите ако не сте имунизирани, децата се ни криви ни должни, немојте да правите геноцид врз своето дете“, порача Караџовски.

За неполни четири дена, три деца починаа од морбили. Последниот случај беше 13-месечно дете од Тетовско, кое вчера почина на Детската клиника. Детето немало хронични заболувања, а на Клиниката се лекувало пред неколку недели од друга болест. Во петокот почина 13-месечно дете од Свети Николе, а првата жртва од морбили беше шестмесечно бебе.