Место кое случајните минувачи и намерните туристи едноставно не пропуштаат да го посетат и фотографиите.  Социјалните мрежи секојдневно се преполни со фотографии од убавините на Матка – местото кое вреди да се посети и истражи.  Guardian минатата го вброи кањонот Матка меѓу десетте најубави кањони во Европа кои се лесно достапни за авантуристите и нудат одлични погледи и добри патеки за шетање.

На помалку од 20км југозападно од главниот град на Македонија, по долината на реката Треска, се крие таинствен свет со високи карпи, чудесни пештери, разни ендемски видови дневни и ноќни пеперутки, лековити води и растенија за кои постојат верувања дека им помагаат на глувонемите луѓе.

Место кое случајните минувачи и намерните туристи едноставно не пропуштаат да го посетат и фотографиите.  Социјалните мрежи секојдневно се преполни со фотографии од убавините на Матка – местото кое вреди да се посети и истражи.

Преубавото парче недопрена природа, освен со големо богатство од богати дабови и букови шуми, преубави розови цветови на ендемското цвеќе Рамонда Наталија, белоглави орли и ретки животински видови, изобилува и со голем број културно-историски споменици, главно манастири, поради што со право ја нарекуваат и мала Света Гора. Клисурната утроба Матка со својата убавина ги привлекувала луѓето од најстарите времиња па сè до денес. Карпите на Матка и нејзината околина биле населени континуирано од праисторијата, преку римскиот и византискиот период па сè до денес.

Матка е најстарото вештачко езеро во Македонија, кое било создадено со преградување на реката Треска со брана и создавање на вештачка акумулација, која била изградена во 1938 година. Водата од езерото се користи за добивање на електрична енергија, но и за наводнување на селата во околината.

Интересно доживување е возењето со чамец кој плови по тесниот кањон, а од двете страни воодушевува прекрасната глетка со стрмните издигнати карпи. Вљубениците на скокање во вода, имаат неколку места од каде што можат да го прават тоа, но ова сепак се однесува само на оние кои добро ја познаваат Матка и нејзиното дно.

Во Матка има и десетина пештери, со различна големина и старост, со должина од 20 до 176 метри и две пропасти со длабочина до 35 метри. Во основа, пештерите се делат на стари, зрели и млади. Пештерите кои се во фаза на младост, значи дека се сè уште активни и создаваат пештерски украси. На околу 500 метри погоре се наоѓаат пештерите кои се во фаза на зрелост, кои се суви, не сè уште имаат видливи украси. На околу 1000 метри понатаму се наоѓаат старите пештери кои се во фаза на распаѓање, а датираат пред 3 милијарди години, кога ова подрачје било езеро. Со повлекувањето на езерото се создавале процепи и илјадници години се формирале пештерите.

Најпознати три пештери на Матка се Врело, Крштена и Убава, кои се блиску една до друга и имаат слична должина. Тие се во младост и се исполнети со прекрасни украси. Во моментов, само Врело функционира како туристичка атракција, која е една од петте најдлабоките подводни пештери во светот. До неа се стига со едно од бротчињата стационирани пред ресторанот Кањон Матка. Правилно извајаните украси наликуваат на женски гради. Одблизу се забележува прекрасната брановидна структура, која ќе ве обземе. Во пештерата најинтересен украс претставува огромниот стагламит кој е во вид на шишарка, а се таложи веќе 2.700 години. Звуците кои постојано се слушаат во внатрешноста на пештерата, потекнуваат од нејзините жители – лилјаците. Името го добила по „врелото“ што се наоѓа под неа во водите на езерото. Клокотењето може лесно да се забележи кога водостојот е низок.

На самиот влез од пештерата се наоѓа „салата“ во која понекогаш се одржуваат концерти, поради невообичаениот поинаков звук кој се произведува овде. Оние кои биле, знаат точно за каков звук станува збор и какво чувство предизвикува тој.

Понатаму патеката се искачува до највисоката точка, од каде што може да се види првото езеро што е сокриено зад карпата, кое е мало и едвај се забележува. Второто езеро е многу поголемо. Долго е околу 30 метри, широко околу 10, а водата во него е студена. Длабочината на езерото варира поради неговата поврзаност со езерото Матка, но изнесува околу 15 м.

Уште од најраниот период, поради тешката пристапност до кањонот, која овозможувала поголема сигурност, се граделе голем број цркви и манастири. Денес постојат повеќе цркви од кои повеќето од нив се зачувани во целост од средновековниот период, а од некои се останати и само рушевини. На брегот на езерото, секогаш отворени за посетителите се црквата св. Андреј и манастирот св. Богордица, потоа манастирот Свети Никола Шишевски и црквата св. Спас, а постојат и остатоци од ранохристијанските цркви Света Троица и Свети Ѓорѓија. Покрај верските објекти, високо во кањонот Матка стојат и ѕидините на некогашната средновековна крепост Марков Град, која била изградена како прибежиште за населението во времето на доаѓањето на Османлиите.

Со својата богата историја, бујна природа и ендемски животински и растителен свет, Матка е одлично прибежиште за излет, риболов покрај езерото, возење кајак по реката Треска и влегување со него низ Врело или едноставно одење на ручек во некој од рестораните кои нудат вкусна традиционална храна. Доколку сакате само да се релаксирате и да уживате во погледот кон разнобојната природа, можете да си направите и мала починка на клупите.