Кандидатот на ДУИ Висар Ганиу победи и по трет пат во Чаир

Кандидатот на ДУИ Висар Ганиу победи и по трет пат и конечно ќе може да застане на чело на општина Чаир.

Ганиу веќе доби честитки од сопартијците кои располагаат со почетните, неофицијални податоци од прегласување на избирачкото место 2901 во општина Чаир.

БЕСА преку медиумите се пожали на нови изборни нерегуларности, на притисоци врз гласачи и одземање на документи за идентификација на граѓани.

Кандидатот на Движењето БЕСА за градоначалник на општина Чаир Зекирија Ибрахими, на прес-конференција од партиското седиште пред завршување на пребројувањето од гласањето на ИМ 2901 во Чаир, му честиташе победа на својот противник Висар Ганиу и ја нарече „победа на СДСМ“.

– Сакам да му ја честитам победата во Чаир на СДСМ. Ова е украдена победа и ако тие ја признаваат како таква ние им ја честитаме. Им благодарам на граѓаните кои излегоа на гласање и покрај многу притисоци и изнудувања, рече Ибрахими по завршувањето на гласањето на ИМ 2901 во општина Чаир каде се прегласуваше вториот круг од Локалните избори 2017.