Кандидатите за градоначалници на Град Скопје, Шукова и Ѓорѓиевски, се вклучија во одбележувањето на Денот на републиката

Кандидатите за градоначалници на Град Скопје од двете најголеми партии денеска се вклучија во одбележувањето на Денот на републиката - Илинден. 

Делегација на СДСМ предводена од потпретседателката на СДСМ и кандидатка за градоначалничка на Скопје – Каја Шукова, заедно со Маја Мојсова Мијовска – кандидатка за градоначалничка на Карпош и Оливера Ливриниќ од општинската организација Бутел оддаде почит и положи свежо цвеќе пред споменикот на Никола Карев, пред споменикот на АСНОМ и пред споменикот на Методија Андонов – Ченто во Скопје.

Во изјава за медиумите Шукова го честиташе големиот празник Илинден на сите граѓани и на жителите на Скопје и повика на заедништво за градење нова иднина, за Скопје и Македонија да се движат напред.

Градоначалникот на општина Кисела Вода и кандиндат за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, упати честитка по повод Илинден.

„Вечен нека биде Илинден, вечна е Македонија! На Илинден, нашите предци ја започнаа својата борба за создавање на македонската држава, борба што ја продолжија многу знајни и незнајни јунаци кои ги положија своите животи на олтарот на слободата, за Македонија да биде дом за својот народ. На 2 август 1903 година, нашите дедовци му покажаа на светот дека огнот на слободата што гори во срцето на Македонецот е нескротлив. Тој пламен продолжи да гори и преку Илинденците од 1944, за да се роди современата македонска држава. А денес, ние имаме света должност – да ја чуваме, браниме и унапредуваме оваа исконска земја. Ние, нашата генерација. Јас верувам во нашата генерација! Македонија ќе живее, затоа што има горди синови и ќерки кои безрезервно ја љубат. Честит и вечен нека е Илинден!“, стои во објавата на Ѓорѓиевски.